Првин Пендаровски да разговара со грчката претседателка, па потоа Владата ќе постапува, рече Ковачевски за продолжување на рокот за личните документи

Ковачевски-прифаќа-до-септември-да-се-продолжи-рокот-за-нови.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Кога Пендаровски ќе има разговор со грчката претседателка ќе не’ информира, а потоа ќе можеме да постапуваме.

Вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на новинарско прашање дали Владата размислува за промена на двата закони за да се продолжи рокот за вадењето на личните документи.

Ковачевски и вчера го повика Пендаровски да се слушне со грчката претседателка за да помогне во процесот.

„Верувам дека и претседателот може да се чуе со претседателката на Грција бидејќи сепак и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Претседателот најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на преспанскиот договор, при зачленувањето во НАТО, беше координатор за НАТО, веројатно има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција и зошто да не“, рече вчера Ковачевски.

Тој објасни дека законските измени се прават со согласност на сите што се потпишани и се работи за меѓународни документи.

Претседателот Пендаровски, претходно во телевизиско интервју на „Сител“ посочи дека законскиот рок 12 февруари за вадење на новите документи со законски измени за еден ден може да се смени и да се пролонгира до септември поради големиот метеж на пунктовите.

„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – закон за лична карта и закон за патни исправи, и ако е потребно и законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече Пендаровски.

Договорот од Преспа предвидува дека промената на личните документи треба да го следи отворањето на поглавјата со ЕУ и тоа да заврши пет години оттогаш.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK