Националниот сојуз на глуви и наглуви (НСГНРСМ) денеска во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје ќе го промовира пилот проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“.
-Со промоцијата сакаме да се добијат и видат релевантни податоци, преку поставување на таблети на повеќе точки во одредени институции под Министерство за внатрешни работи, Министерство за здравство и други министерства понатаму…, во однос на тоа колкав е бројот и потребата од страна на глувите и наглувите лица кај нас, за остварување на видео-повици кон сертифицирани толкувачи на знаковен јазик за да помогнат при комуникацијата со институциите и во надминување на пречките и недоразбирањата со кои што се соочуваат глувите и наглуви лица, велат организаторите.
Посочуваат дека целта е на долгорочен план да има „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“ којшто преку видео-повици, а доколку е неопходно и преку лично присуство на сертифицираниот толкувач на знаковен јазик, да се нудат толкувачки услуги до сите глуви и наглуви лица од една страна и пренесување на точни информации при комуникација со вработените во институциите.
-Целта е толкувачите на знаковен јазик да имаат поголема сигурност во однос на нивното вработување и секако најважно е надминувањето на предизвиците, пречките и бариерите со кои што се соочуваат глувите лица при проблеми и недоразбирања во комуникацијата со лицата кои што слушаат а се вработени во институциите преку пренесување на точни информации од страна на сертифицирани толкувачи на знаковен јазик и исполнување на одредбите во Конвенцијата на ООН во однос на лицата со попреченост, поточно во однос на глувите и наглуви лица, потенцираат од НСГНРСМ.