Промоција на книгата „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на НБРСМ“ издаденa од Народната банка

promocija-narodna-banka
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Објавените стручни публикации од областа на нумизматиката, монетарната историја и конзервацијата се значаен дел за нашата доследност во постојаното создавање, надградување, откривање и зачувување на традицијата, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на промоцијата на публикацијата „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на НБРСМ“ од д-р Ефтимија Павловска, кустос во Музејот на Народната банка.

Народната банка, како што нагласи Ангеловска-Бежоска, ја поддржува музејската дејност во активностите за натамошно ширење на знаењата за долгата историско-еволутивна патека на парите, како едно од најважните технолошки откритија на човекот, како и за нивните особености својствени за овдешната македонска територија.


– Сметаме дека афирмација на трајните цивилизациски придобивки од минатото коишто на различни начини ги обликувале општествените констелации во економска, културна и технолошка смисла, е наш влог во иднината, подвлече гувернерката.

Книгата „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на Народната банка“, која е прва систематизирана публикација за древните примероци пари што биле дел од монетарниот систем на Аргеадите, ја претстави академик Вера Битракова Грозданова.

Авторката Павловска, се осврна на содржината на книгата, истакнувајќи дека публикувањето на аргеадската збирка монети од Музејот на НБ ќе овозможи овој материјал да биде достапен за истражување, но и за негово проучување од страна на научната јавност, како и за информирање на пошироката публика за постоењето на едни од најстарите изданија откриени на денешната македонска почва.

Музејот на Народната банка веќе две децении дејствува едукативно со постојаната музејска поставка, но и преку издавање публикации од кои јавноста добива увид во развојот на монетарните системи и нивните стандарди во општествата, иконографијата и дизајнот на парите низ минатото на овие простори, коишто оставиле свој белег во историјата на државата. Денес, Музејот на Народната банка со своите 22000 примероци претставува најголема јавна нумизматичка збирка во државата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK