Професорите и вработените на Универзитетот АУЕ-ФОН, во отворено писмо до јавноста, УЈП, Министерството за образование и инспекторите информираат дека континуирано не им се исплаќани платите, а вработени постојано си заминуваат.
Велат дека последната исплатена плата на универзитетот е за месец јули 2023 година, а уследи по речиси 5 неисплатени плати за претходниот период од оваа година.
„Ова продолжено неисплатување на платите (кое трае во континуитет неколку години) предизвикува огромни финансиски тешкотии и психички нарушувања помеѓу нашите вработени. Платите на сите беа сведени на апсолутен минималец за време на пандемијата а профитот кој го оствари универзитетот беше пренасочен кон странски инвеститори, кои како што магично се појавија, така уште помагично ги снема. Уште поалармантен е нехуманиот третман на кој беа изложени дел од вработените во овој период. Универзитетскиот менаџмент во континуитет применува тактики на внесување раздор, притисоци за откажување од работна позиција и префрлање во договор на дело, кои ги оставија нашите колеги во состојба на постојана вознемиреност. Заканите за раскинување на договорот се посебно насочени кон оние кои се осмелуваат да зборуваат за внатрешните проблеми на универзитетот, поттикнувајќи клима на страв и тишина“, велат професорите во писмото.
Покрај тоа, како што се додава, менаџментот на Универзитетот АУЕ-ФОН постојано не успева да обезбеди соодветно медицинско осигурување на своите вработени. Овој пропуст во обезбедувањето соодветна здравствена покриеност, велат професорите, резултирал со одложени дијагнози и хронични здравствени проблеми за многу од нивните колеги, што претставува тешко кршење на нивните основни права на здравје и благосостојба.
Вработените, дополнително во писмото изразуваат и сомнеж дека универзитетот поседува ресурси кои не се распределуваат за заслужените плати. Наместо тоа, се додава во писмото, се чини дека овие ресурси се пренасочени за да се финансираат екстравагантните животни стилови на раководството и неколку избрани поединци во рамките на универзитетот, но и чудни бизнис договори од кои наставнонаучниот процес нема никаква придобивка а најмала придобивка имаат нашите ценети студенти.
„Бараме транспарентност, одговорност и правда. Ништо помалку не заслужуваат професорите на Универзитетот АУЕ-ФОН, како и посветените вработени кои неуморно придонесуваат во неговата мисија. Ние постоиме и работиме за нашите студенти но не и за бизнис интересите на малкумина кои го имаат окупирано универзитетот со години“, се додава во писмото.
„Макфакс“ побара одговори од Универзитетот ФОН на што се должи неисплаќањето на платите, од каде што добивме потврда дека го добиле мејлот, но засега нема одговор.