Проектот „Жените пчелари како двигатели на позитивни промени во Северна Македонија“, ќе биде промовиран утре со почеток во 10:30 часот во Занаетчискиот дом во Куманово, информираа денеска од Центарот за развој на североисточниот плански регион Куманово. На промоцијата на тригодишниот проект, финансиран од Министерството за надворешни работи на Словенија ќе присуствуваат градоначалници, претставници од образовни институции, од организации од областа земјоделство и пчеларство, подрачни единици на министерства, граѓани, пчелари.
АДРА Словенија е главен изведувач на Министерството за надворешни работи на Словенија, а АДРА Македонија е локален партнер за спроведување. Проектот има за цел да ги зајакне пчеларските семејства во областа на органското пчеларство со акцент на вклученоста на жените и младите од руралните средини каде што доминира земјоделството како индустрија во Североисточниот и Вардарскиот регион на Северна Македонија кои сè со висок степен на емиграција во градовите.
Со проектот се очекува да бидат опфатени 50 жени пчелари, од двата региони кои се обучени да стопанисуваат во областа на органското пчеларство, да се едуцираат за маркетинг и продажба на мед, да се воспостават 25 пчеларници отпорни на екстремни временски услови. Преку проектот ќе се формира медоносен научен пчелен парк за првпат од таков тип на Западен Балкан за едукативни цели и промоција на женското претприемништво во областа на органското пчеларство.
На настанот ќе се обратат претставници од АДРА, градоначалници од двата региони и пчелари.