Вработените во Македонска пошта денес излегоа на протест од каде што повикаа на целосна реорганизација и систематизација на друштвото кое се соочува со големи кадровски проблеми, недостаток на персонал во технолошкиот процес и нередовна исплата на плата.
Претседателот на Синдикатот на Пошта, Боро Велигденов, рече дека со сегашната состојба, вработените се загрижени за опостојувањето, иднината и зачувувањето на работните места.
„Осумдесет отсто од вработените се со просек на минимална плата, а февруарската плата уште не е исплатена и покрај тоа што законскиот рок е до 15-ти. Финансиската состојба на друштвото е лоша и се стравува дека ќе нема редовна исплата“, рече Велигденов, припишувајќи ги проблемите на лошата кадровска политика и менаџирањето.
Тој рече дека има недостаток на работници во технолошки процес – поштари, шалтери и работници, но затоа, има преполни работни места во администрацијата и шефовските позиции.
„Имате еден шеф на еден работник“, рече тој.
Во моментов во Македонска пошта има 1.800 вработени и 200 договорни поштари, а синдикатот меѓудругото бара и да се реши статусот на договорните поштари кои со години работат без здравствено осигурување и на минимална плата. Има и одлив на вработени кои самите си даваат откази, особено работниците од технолошкиот процес.
Велигденов рече дека Синдикатот со години алармира за реформирање и реорганизирање, но надлежните немаат слух.
Долгогодишните барања на вработените и синдикатите се изготвување на нова систематизација, нов колективен договор, реорганизација, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги.
Синдикатот ја повика Владата заедно со раководството веднаш и без одлагање да се заложат за обезбедување на финансиски средства за редовна исплата на плата, како и превземање на итни мерки за реформирање на Македонска пошта, во спротивно, како што кажа тој, протестот ќе продолжи и ќе се отпочне со постапка за штрајк.