Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи информираше дека министерскиот годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе биде најголем настан во државата, и по димензии и по суштина.
Според најавата на Османи, ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ. Се очекуваат 1000 гости во делегациите, додаде првиот човек во дипломатијата појаснувајќи дека не се знае дали ќе пристигне рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред се поради затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји.
„Добив писмо пред 4-5 дена од министерот за надворешни работи во кое што покажува интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Скопје. Има одредени предизвици во делот на тоа прашање, прво заради тоа што воздушниот простор на Северна Македонија и на нашите соседи е затворен за руски авиони, иако по правило треба сите земји учеснички треба да присуствуваат на на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Но дали конкретни личности, сепак ќе зависи од одредени одлуки кои ќе треба да се донесат во текот на наредните денови. Се надевам дека сите ќе успееме да бидеме во Скопје“, потенцира Османи за посетата на Лавров на Скопје.
Според него настанот кој ќе следи во државата, суштински е најголем настан, зашто ОБСЕ првпат, како што рече Османи, е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти.
Појасни дека е во криза зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.
„Првпат нема претседавач за 2024, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање“, рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје. Нагласи дека организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет на ОБСЕ.
МНР според Османи една и пол година се подготвува за организација на настанот.
Во логистика за настанот ќе бидат ангажирани над 200 луѓе, 200 војници ќе бидат возачи за спроведување на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони.
Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите.
На прашањето што ќе се случи доколку не дојде Лавров, Османи вели дека Руската федерација ќе присуствува со свои претставници, но сите треба да бидат за колективниот интерес над државниот.