Половина век Меѓународна научна конференција за македонистика: Македонисти, балканисти и слависти од 15 држави доаѓаат во Охрид

1693466584_1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Половина век Меѓународна научна конференција за македонистика. Македонисти, балканисти и слависти од 15 различни држави од сите страни на светот доаѓаат во Охрид. Од утре, 1 септември до недела, 3 септември 2023 година ќе се одржи 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Оваа Конференција е научен собир за јазик, литература и култура, кој е единствен во регионот со толкава традиција на континуирано, непрекинато одржувње и по бројот на објавени зборници на научни трудови. Токму научните трудови произлезени од оваа Конференција во изминатите пет децении се едни од клучните македонистички научни референци, од странски и домашни научници, а на ова нејзино јубилејно издание и повеќе од половина од учесниците се од странството.

Свеченото отворање на Конференцијата и централното одбележување на нејзиниот јубилеј, кој е важен не само за македонистиката и воопшто за филологијата, туку и за македонската држава ќе се одржи утре – 1 септември, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. На отворањето, свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, а поздравна реч ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска.

Учесниците на Конференцијата, во текот на пленарната сесија ќе ги поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во рамките на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од минатогодишното издание на Конференцијата, во кој на над 500 страници се објавени нови трудови од областа на македонистиката. Негови промотори ќе бидат минатогодишните координаторки на секциите на Конференцијата: Елена Јованова-Грујовска, Лидија Тантуровска и Лорета Георгиевска-Јаковлева.

По свеченото отворање и пленарната сесија, на 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, три дена, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, на кои ќе бидат презентирани близу 70 нови научни трудови. Од двете секции се очекува да призлезат нови научни согледби и заклучоци кои ќе се влог во македонистичките проучувања, со нови анализи, истражувања и исчитувања и од странските посветеници на македонистиката.

Централните теми на Конференцијата ќе бидат за делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов. Конференцијата е дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата.

На Конференцијата ќе бидат опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто веќе со години овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. Во децениите наназад, токму овие теми се издвојуваа како најголем предизвик за странските македонистти, балканисти и слависти при учеството на Конференцијата, при што се произлезени и стотици научни трудови со важни согледби за спецификите на македонскиот јазик, литература и култура.

Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период, имајќи ги предвид бројот на учесниците и реферератите, но и фактот дека ова конференциско издание е единствено од областа на македонистиката и по бројот на земји од кои има учесници.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK