Случајот со наводното киднапирање во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Општина Карбинци е целосно расчистен, велат од МВР.
Надлежните не утврдиле елементи на кривично дело.
„Веднаш по добивањето на пријавата полициски службеници излегоа на терен, преземени се низа оперативно-тактички мерки и дејствија во координација со Јавен обвинител од штипското обвинителство, извршени се разговори со лица кои биле сведоци на случајот во присуство на родители, но и со претставници на училиштето, а по преземени активности беше пронајден и 20-годишникот со кој беше извршен службен разговор во врска со случајот. Притоа, од сите реализирани дејствија и прибавени докази не се утврдени основи за постоење на кривично правен настан“, соопштија од министерството за внатрешни работи.
Оттаму информираат дека целокупниот доказен материјал од преземените мерки и активности со соодветно известување ќе биде доставен до надлежното Основно јавно обвинителство и Центарот за социјална работа Штип за нивно понатамошно постапување.
Случајот беше пријавен на 5 декември од страна на директорката на училиштето Наталија Костова, а потоа и потврден од градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов. Тој во изјава за медиумите рече дека „во близина на училиштето застанал темносин голф со затемнети стакла и скопска регистрација. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Од него излегол непознат маж и на случаен ученик му покажал фотографија од ученичка во деветто одделение од неговиот телефон. Му рекол да ја повика. Кога девојчето се доближило, лицето од автомобилот ја поканило да одат на кафе, а и понудил и пари. 13 годишното девојче исплашено истрчало кај директорката бидејќи не го познавала. Во меѓувреме, истиот човек му пришол на ученик од шесто одделение и давајќи му 200 денари се обидел да го намами да влезе во возилото. Го повлекол за јакната, но детето избегало. Директорката повикала полиција, а ученикот парите ги предало на инспекторите“.
Од МВР демантираа уште тогаш, но Паунов реагираше дека демантот бил испратен додека полициските инспектори се уште сослушувале сведоци.
Во основното „Страшо Пинџур“ во Карбинци учат околу 300 деца.