Место на пауза, утрово вработените во неколку министерства во 11 часот излегоа на получасовен штрајк пред Министерството за животна средина за поголеми плати. Од 11 до 11.30 часот на штрајк ќе излегуваат секој ден оваа недела, а в петок ќе штрајкуваат пред Министерството за финансии. Разочарани се што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто и покрај преговорите со нив и навреме доставениот предлог до Министерството за финансии.
„Иако предлог-колективните договори беа доставени до Министерството за финансии пред носење на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини, Министерството за финансии не одобри средства за потпишување колективни договори. Висината на платите на вработените во институциите кои денес протестираат почнува од 25.010 денари. Просечната плата во овие институции изнесува околу 29.000 денари, а просечната плата во државата е 42.124 денари. Додатокот што го бараме од 30 % значи дека вработените би добиле 6.000 денари износ кој би бил зголемен на нивната плата, но и покрај тоа сите вработени ќе бидат под просекот на државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале години наназад, но за жал ниту една Влада досега не го слушнала нашиот глас“, рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Нарочно одбрале да почнат со штрајкот денес, оти во вторник Владата има седница. Деаноски апелира на денешната седница да се стави точка на дневен ред со која ќе се изнајде начин на кој ќе се обезбедат средствата од буџетот на државата за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените.
Протестираат вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерство за дигитална трансформација, Министерство за земјоделие, Министерство за правда, Министерство за култура и туризам, Министерство за економија и труд, Министерство за транспорт, Државен завод за статистика и Државен архив.