Законски одредби кои забрануваат намалување на платите на судиите го прават комплексно решението за намалувањето на платите на функционерите. Вака денес објасни премиерот Димитар Ковачевски по посетата на компанијата „Вабтек МЗТ АД Скопје“. Работната група се уште не дала предлог на кој начин ќе се намалуваат платите на функционерите кои од март годинава се зголемени за рекорни 78%.
„Во однос на функционерските плати треба седум закони да се менуваат при што кај дел од функционерите постојат законски одредби дека не може да се намалува платата. Постојат такви одредби. На пример кај платите на судиите. Во тие делови од законите. Делот кај пратениците е регулиран со Закон за пратеници, а пратениците се над тие кои ги бираат, а тоа е Владата, затоа велам дека се работи за комплексно решение. Тоа, на крајот на денот, треба да донесе правичност во плаќањето на трудот, согласно одговорностите што секој ги има во државата. Ние бевме во ситуација во која претседател на држава имаше помала плата од секретарка во Агенција за електронски комуникации на пример. Сметам дека тоа е исто така дисбаланс кој треба да се адресира на соодветен начин“, рече премиерот Ковачевски.
Во буџетот за 2024 година, како што претходно извести премиерот Ковачевски, не се предвидени средства за повисоките плати на функционерите, но Владата се уште работи на решението со кое ќе се намалат кое откако ќе биде утврдено треба да помине и во Собранието. Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчовска минатата недела рече дека има две опции за намалување на платите. Едната е со Законот за плати во јавниот сектор, а другата е измена и дополнување на седум закони со кои се регулираат платите на сите функционери чии плати беа зголемени со одлуката на Уставниот суд во март годинава.