Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски кажа дека покрај деца има и возрасни хоспитализирани.
Во однос на 4-годишното дете кое примило три вакцини и е на Детска клиника, Петличковски кажа дека кај него се работи за некоја состојба која индицира примена на имуно-супресивна терапија која дава простор и луѓе кои се вакцинирани да имаат можност да бидат заразени.
„Кај него инфекцијата ќе помине полесно отколку ако не бил имунизиран. И самата вакцинација има ефикасност меѓу 80 и 90 проценти“, рече Петличковски.
„Во Србија е ситуацијата таква, од околу 700 потврдени случаи со голема кашлица, дури 64 проценти се вакцинирани. Постои опаѓање на имунитетот по десет години во просек. Се размислува за освежување на имунитетот кај критично болни, кај лица над 65-годишна возраст. Ова се првични препораки, затоа што сме во добра состојба споредено со регионот. Имаме 18 случаи, немаме смртни случаи“, објасни Петличковски.
Злате Мехмедовиќ кажа дека сите 18 случаи во Македонија се засебни случаи, што е оправдание да се прогласи епидемија на територијата на град Скопје, за да нема кластери, во едно семејство или домаќинство.
„Нема во моментов епидемиолошки потврдено пренос на пертусис од случај на случај. Тоа значи дека сите случаи се изолирани“, кажа Мехмедовиќ.
Според него ова е вистинското време да се преземат конкретни чекори.