Техничкиот премиер ми личи на техничка грешка во кошарката, но останува нејасно кој ја направи техничката СДСМ или ДУИ, пишува на социјалните мрежи поранешниот собраниски спикер Тито Петковски околу изборот на техничкиот премиер.
„Техничка влада!
Ми се допадна споредбата што еден познат колумнист ја направи техничката влада со техничката вода. Техничката вода луѓето не ја пијат, но со неа многу валканици можат да се измијат.
Техничкиот пак премиер, ми личи на техничка грешка во кошарката.
Тимот оштетен со техничката грешка има право на слободни фрлања и топка од страна, за нов напад.
Останува нејасно, кој ја направи техничката, СДСМ или ДУИ?
По оној триумфализам, егзалтација и гламурозно прославување што го организира ДУИ во чест на техничкиот премиер, се чини дека техничката грешка е свирена на СДСМ. ДУИ продолжи да игра уште поагресивно. Само што седна техничкиот премиер во техничката фотеља, истиот ден, Али Ахмети и останатите лидери на партиите од албанскиот политички кампус, фатија џаде за Приштина. Отидоа по совет кај Албин Курти, таткото на сите Албанци од Македонија и Косово, како да играат понатаму.
Многу мала им се виде победата со техничкиот премиер, па сега, заедно со Курти, коваат план за претседател на Македонија. Сите, освен Ахмети, сметале дека сега му е мајката да се влезе во игра за претседател. Ахмети, како најискусен играч, малку го разочарал целиот тим во Приштина, советувајќи ги да не се истрчуваат туку така, бидејќи се уште е рано за голема победа. За да се добие
натпреварот, треба да се игра тактички, мудро, стрпливо и со долготрајни напади, мудрувал Али“, додава во напишаното Петковски.
Сепак, како што вели, конечниот победник од овој маратонски натпревар ќе го дознаеме на денот на изборите.
„Само во едно сум сигурен, граѓаните или народот, како што велат денешните политичари, веќе се исфрлени од игра“, пишува Петковски на социјалните мрежи.