Минатата година ја заокруживме со 135 проекти во општините и во планските региони, финансирани од буџетските програми за рамномерен регионален развој и за намалување на диспаритетите во вредност од над 14 милиони евра. Го финализиравме и ИПА 2 програмскиот период во кој се финансирани 192 проекти за прекугранична соработка во вредност од 60 милиони евра од Европската Унија, а националното кофинансирање од 9 милиони евра го обезбедивме од буџетот на Министерството за локална самоуправа, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
Тој ја истакна соработката и со швајцарската Влада, преку која заеднички се финансирани 8 проекти во сите плански региони во вредност од 3 милиони швајцарски франци.
„Секој граѓанин е важен и секој граѓанин треба да има пристап до основните јавни услуги, а Владата инвестира во подобрување на условите за живеење во секоја општина и со дополнителни 32,5 милиони евра презеде обврска оваа година да финансира нови 66 проекти во 44 општини“, рече Пенов.
Министерот за локална самоуправа истакна дека има и предизвици, пред се недостасуваат поголеми, готови проекти од општините, за што Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој во соработка со УНДП и СИДА имаат обезбедено фонд од 2,5 милиони долари преку кој е изготвена проектна документација за 70 поголеми проекти.
„Ова е значајна поддршка за општините, особено за помалите кои што имаат многу ограничени ресурси. Заедно со УСАИД работиме и на зајакнување на капацитетите на општините за наплата на локалните даноци и такси, тоа се средства со кои што општините самостојно располагаат и нивни интерес е да ги обезбедат. Евидентни се резултатите од проектната поддршка, наплатата е зголемена за 34.5% , а општина Кавадарци успеа да обезбеди 100% ефикасност.“ додаде министерот.
Министерот Пенов истакна дека во 2023 година истражувањето на перцепцијата на граѓаните направено од УНДП покажува намалување на задоволството на граѓаните од начинот на работење на локалните власти, просечната оценка е 3, а расте бројот на граѓани кои што мислат дека има повеќе корупција во нивната општина.
„Владата и Министерството за локална самоуправа не ги занемаруваат овие резултати затоа што ни се важни граѓаните и услугите што ги очекуваат, дури и кога станува збор за локална надлежност, затоа ќе продолжиме со финансиската поддршка на проекти, но и со подобрување на функционалноста на локалната самоуправа заради подобрување на услугите, отчетноста и транспарентноста.“ заклучи министерот.