Годинава ја одбележа и скринингот од Европската комисија и во областа на локалната самоуправа, а оценката упатува на потребата од подобрување на јавните услуги на локално ниво, што кореспондира и со мислењето на граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на годишната конференција за децентрализација и локално управување во организација на Министерството за локална самоуправа и УНДП.
-Оваа конференција е можност, заедно со локалните власти и со донаторската заедница, да ги сумираме резултатите и да се осврнеме на предизвиците за наредната година. Годината што изминува не беше ни малку лесна, оптоварена со последиците од економската и од енергетската криза. Се соочивме со голем предизвик во обезбедувањето на јавните услуги и нивното одржување на едно прифатливо ниво и за општините и за граѓаните, но можам да изразам задоволство од иницијативноста на сите нивоа за да се одговори на потребите на граѓаните., истакна министерот Пенов.
Министерот Пенов посочи дека Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој преку буџетските Програми за рамномерен регионален развој и за намалување на диспаритетите оваа година финансираше 135 проекти во општините и во планските региони, во вредност од 850 милиони денари или над 14 милиони евра за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, за опремување на комуналните јавни претпријатија, управување со отпад, регулација на речни корита и други приоритетни прашања за граѓаните.
-Годинава го заокружуваме и вториот ИПА Програмски период во кој што преку петте ИПА Програми за прекугранична соработка се финансирани 192 проекти во вредност од 60 милиони евра. Кофинансирањето од 9 милиони евра е обезбедено од буџетот на државата. И овие проекти се имплементираат во општините. Тоа се, пред се проекти за подобрување на енергетската ефикасност, реконструкција и изградба на детски градинки, на училишта и на други јавни објекти. Подобрена е опременоста на територијалните противпожарни единици, рече Пенов.