Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и до сите верници од православната вероисповед.
„Дозволете ми да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски и да Ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и со среќа.
Со своето дело патронот на Mакедонската православна црква – Охридска архиепископија, Св. Климент Охридски, остави трајно наследство коешто изобилува со духовност и со мудрост. Со силна вера, дисциплина и посветеност, Св. Климент ги надминуваше пречките коишто му стоеја на патот, неуморно ширејќи ја својата пастирска љубов. Споделувајќи ги светогледот, духовноста, културата и хуманизмот на големиот учител и ние да даруваме љубов, да бидеме внимателни и грижливи, придонесувајќи за мирот, хармонијата, просперитетот и благосостојбата во македонското општество.
Нека ни е честит празникот и за многу години“, се вели во честитката на Пендаровски.