Пендаровски во интервју за Гласот на Америка, по неговиот говор пред светските лидери во ОН, вели дека со последните измени на кривичниот законик, експремиерот Никола Груевски, нема да се врати во Македонија.
„Тврдам, досега не се вратил, заради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно“, рече Пендаровски.
Сепак, Пендаровски не може да гарантира сценарио дека Груевски би бил испорачан пред правдата во случај да се врати во државата.
Запрашан каква порака очекува од американска страна по ставот на Стејт департментот за измените во Кривичниот законик дека корупцијата може да ги поткопа аспирациите на Северна Македонија, Пендаровски вели дека ваквиот став на американската влада не доаѓа директно по измените на Кривичниот законик, туку тоа биле веќе познати ставови и од европски претставници. Тој се согласува дека државата нема доволно напори за намалување на корупцијата.
На прашањето зошто ги дозволи измените на Кривичниот законик, Пендаровски рече „затоа што самата содржина на измените не ја провоцира корупцијата.“
„Текстот на законот вели минимално се намалуваат казните за лежење затвор – значи не се укинуваат и нема амнестија – и второ се прошируваат основите и се олеснува процедурата за конфискација на имот“, вели Пендаровски во интервјуто.
Тој смета дека главниот проблем е во неспроведување на законите, нивната селективна примена или „обидите да се најдат ‘дупки’ во законите“.
Со измените се намалуваат казните за делото злупотреба на функиција.