Стево Пендаровски јас мислам дека освен на пропатување за на одмор во Грција, во Гевгелија не стапнал овие 5 години. Дај боже да грешам, ама мислам дека е така. Мислам дека 5 години ве заборавил и мислам дека 5 години не стапна овдека и единствено по што ја знае Гевгелија е веројатно брзата трака која што му ја ставаат тука на граничниот премин Богородица за да може побрзо да се спушти на море. Толку него го интересира за Гевгелија, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на вчерашната средба со граѓани во Гевгелија.
Тој исто така додаде дека Стево Пендаровски обожава да се нарекува себеси чесен човек, но начинот на кој функционираше како претседател докажа дека е извор и поддржувач на корупцијата во Македонија.
„Затоа треба масовно да се излезе уште на 24 април да се удри во чело, да се направи најголем можен резултат за да е извесно што ќе се случи на 8 мај, затоа што се работи за една исклучително дволична личност и човек којшто за себе обожава да вели дека е чесен и дека не е корумпиран, но истиот овој којшто глуми чесен и некорумпиран еве добри месец дена одбегнува да одговори на прашањата коишто му ги поставувам, па од овде ќе ги поставам повторно. Каков е тој чесен човек којшто потпишува измени на КЗ со којшто се амнестираат криминалците во Македонија, денеска потврдено и од реномираната светска институција „Фридом хаус“? Каков е тој чесен човек којшто збор нема кажано за криминалот и корупцијата којшто се случува во Македонија? На пример не сум го слушнал збор да каже за шверцот којшто се случува тука на граничниот премин во организација на највисоките структури на СДСМ и ДУИ. Каков е тој чесен човек којшто дозволува кампањата да му е финансирана од ваши, крадени народни пари? Извинете ама тоа не е чесно. Затоа можам да кажам дека Стево Пендаровски е извор и поддржувач на корупцијата во Македонија и е далеку од чесен човек“, потенцираше Николоски и додаде:
„Од другата страна ја имате Гордана Силјановска Давкова, реномиран професор, моја професорка, професорка на многу генерации коишто излегоа од правниот факултет, која што нема дамка во животот и во професијата и која што е еден од најактивните пратеници во Собранието. Жена којашто Македонија ја претставува со гордост и дома и надвор“.