Експретседателот на државата, Стево Пендаровски, чијшто мандат заврши денес, преку социјалните мрежи упати благодарност до граѓаните и своите соработници.
„Благодарност до сите граѓани за укажаната доверба и на сите соработници со кои заеднички работевме во изминатите пет години“, напиша Пендаровски.
Претходно тој во Вила Водно ја пречека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова, пришто свечено и’ ја предаде функцијата, а и’ ja честита и победата.
Пендаровски беше петтиот претседател од осамостојувањето на државата, а функцијата ја презеде во 2019 година од дотогашниот претседател, Ѓорге Иванов.
По престанокот на функцијата, на секој претседател му следат низа на доживотни бенефиции. Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, претседателот има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Пендаровски неодамна најави дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија, ниту пак средства за отворање на канцеларија, туку ќе се врати на работното место професор.