Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Од Кабинетот на Пендаровски велат дека во Законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво. Истовремено, измените на Законот го лимитираат буџетот, односно висината на средства кои од државниот буџет ќе можат да се потрошат за кампањи на државно или на локално ниво.
„Законот предвидува постапка, во која централна улога има комисија која е составена од претставници на политичките партии и од власта и од опозицијата, на паритетна основа. Исто така, во Законот се прецизирани критериумите според кои можат да конкурираат радиодифузерите, а јасно е дефинирана и постапката за избор на радиодифузери на кои ќе се прикажуваат кампањи на државно или на локално ниво. Тоа значи дека, за разлика од порано кога Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ своеволно одлучуваше кому колку пари ќе даде, сега е прецизно регулирано како медиумите и колку средства ќе добиваат за кампањи на државно или на локално ниво. Потенцираме дека Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Собранието беше донесен без поднесени амандмани од опозицијата, што значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина“, велат од кабинетот.
Се додава дека и во поголемиот број на земји-членки на Европската Унија постои регулатива со која се овозможува кампањи од јавен интерес во медиумите.
Во изминатите денови, Пендаровски оствари комуникација со сите засегнати страни, односно со тие што беа и за и против Законот. Во оваа насока, тој очекува дека во најскоро време ќе продолжи дијалогот меѓу релевантните институции и Здружението за заштита и унапредување на интернет медиумите со цел унапредување на положбата на онлајн медиумите во медиумската сфера, имајќи предвид дека во порталите работат голем дел од новинарите.