Пендаровски: Ако бев избран во Парламентот во 2019, ќе бев сменет истото попладне кога се спротивставив на власта за „Рекет“

Пендаровски-Ако-бев-избран-во-Парламентот-во-2019-ќе-бев.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







На денешната прес-конференција, претседателот Стево Пендаровски кажа дека не може да знае дали дел од неговите поддржувачи ќе го дадат својот глас за Максим Димитриевски.

„Ако станува збор за овие луѓе кои ме поддржуваат во оваа фаза со потписи и со јавна поддршка, се разбира дека не. Не знам како ќе биде понатау расположението. Секој е оставен да реагира според својата сопствена волја. Не би можел да предвидам. За прв пат во македонската историја после 1999 ќе имаме најголема бројка на кандидати во прв круг и тука се можни преклопувања на тие партиски електорати. Можно е да имаме седум кандидати во прв круг“, кажа Пендаровски.

Тој одговори дека ги очекува гласовите од сите етнички заедници како и во 2014-та година кога, како што кажа, имал 35 илјади албански гласови.

„Без политички договор, со било која политичка партија, има граѓани од сите етнички заедници кои ме гласале и се надевам ќе ме гласаат. Поинаку и не можам да ја замислам улогата на претседател на сите. За победник на овие избори мора да бидете поддржани и преку партиски и преку етнички линии“, рече Пендаровски.

Тој кажа дека ги почитува сите кандидати што се квалификувани за првиот круг и со сите нив има коректни односи.

За избор на претседател во Собранието, Пендаровски и како претседател и како аналитичар рече дека има став за тоа многу одамна, засилен со практичното искуство од последните пет години.

„Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти и во однос на економските центри на моќ, кои имаат свои интереси, кога сте бирани на општи избори отколку кога сте бирани во Парламент. Ако смеам да шпекулирам, 2019 година, аферата „Рекет“ бев во директна колизија со ставовите на тогаш владејачката партија. Јас ви тврдам дека ако бев избран во Парламент дури и со квалификувано мнозинство ќе бев сменет истото попладне. Ве бира народот, многу потешко е да ја реализирате својата намера. На Македонија и е потребна независна институција која може да биде баланс не само според надлежностите, туку и според она што јавно го изјавува. Мора да постои морална вертикална кој дури и на оние кои го предложиле и го гласале ќе им каже – до тука“, кажа Пендаровски.

На новинарското прашање дали Пендаровски смета дека тоа што нема дамка е негова предност пред другите кандидати, тој одговори со прашање: Вие сугерирате дека Давкова има дамки?

„Тоа ќе го кажат граѓаните на денот на изборите. Ова што го кажав накусо за моите изминати пет години ќе бидат додатна вредност. Не би можел да шпекулирам каква ќе биде волјата на граѓаните, меѓутоа се кандидирам не само за да учествувам на изборите, туку и за да победам“, одговори Пендаровски.

Во однос на функционерските плати, тој кажа дека кога предложил да се намали коефициентот бил „сатанизиран“ со критики.

„Кога во интервју побарав да го направат ова сите партии во Парламентот, бев буквално сатанизиран, масакриран со критики од сите страни. Сега сакам да ги прашам зашто тогаш не го прифатија мојот предлог, да ги намалат коефициентите и да не го навлечеме сосема оправдано реалниот гнев на граѓаните и да направиме покачување на плати од 78 проценти. После таа одлука на Уставен суд, но немаше реакција на Владата во делот на измената на законите, секој следен штрајк освен основните барања вели и покачување на платите од истиот процент. Никој не бараше покачување на плати од 5, 10, 15 туку точно од 78 проценти. Доцна им текна, но добро е што воопшто им текна. Главната опозициска партија беше исклучително тивка кога ја донесоа таа одлука за 78 проценти“, рече Пендаровски.

Тој се согласи дека јазот е огромен помеѓу платите на обичниот граѓанин и функционерите.

„Ова не е трајно решение, затоа што државата е сиромашна и граѓаните се сиромашни. Просечната плата расте, сепак е далеку од европскиот просек. Тоа треба да биде една од првите задачи на следниот Парламент. Не само партиите на власт, туку ниту еден од опозицијата не гукна ништо, ниту пак рече тоа што го реков јас, дека разликата од старата до новата плата ќе ја донирам“, додаде тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK