Отворен првиот Центар за дневен престој за лица со попреченост над 14 години во Скопје


dneven-prestoj-poprechenost-772823684_1598207061932577_1262532931617293677_n.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Скопје денеска беше отворен Центарот за дневен престој за лица со попреченост над 14 години, со цел да обезбеди сигурна, инклузивна и поддржувачка средина за корисниците и нивните семејства.


Центарот, кој е отворен во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ), беше посетен и отворен во присуство на министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски .

Во Центарот корисниците ќе имаат пристап до психолошка и стручна поддршка, како и можност за учество во едукативни, креативни и рекреативни активности. Преку различни програми и активности ќе се работи на развивање на практични и животни вештини, социјализација, комуникација, самостојност и самодоверба.

„Овој Центар е многу повеќе од место за дневен престој. Тој треба да биде место за дружење, учење, развој, поддршка и нови можности. Нашиот фокус не е на ограничувањата, туку на способностите, потенцијалите и достоинството на секој човек“, беше истакнато при отворањето.

Посебно значење Центарот има и за семејствата на лицата со попреченост, кои секојдневно се соочуваат со голема одговорност и потреба од дополнителна поддршка. Целта е родителите и старателите да имаат сигурност дека нивните најблиски се во безбедна средина, каде што се почитувани, заштитени и поттикнати да напредуваат.

Отворањето на Центарот претставува важен чекор кон создавање поинклузивен град и општество во кое секој човек има еднаква можност да учествува, да се развива и да се чувствува како дел од заедницата.

Скопје треба да биде град за сите – град кој ги препознава различностите, ги поддржува своите граѓани и создава услови за достоинствен и исполнет живот.

Центарот ќе продолжи да работи со фокус на човекот, неговите способности, потреби и потенцијали, градејќи средина во која секој ќе знае дека припаѓа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK