На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, денеска во 10.43 часот била добиена пријава за проблем со сигнализацијата на пругата на ул. „Киро Фетак“ во населбата „Драчево“, Скопско.
Од Секторот за операции и координација на ЦУК веднаш биле известени Македонски железници за пријавата за дефект на сигнализацијата на рампите и за нивна понатамошна постапка според пријавениот случај.
„Во 10.53 часот ЦУК беше известен од Македонски железници дека рампите се спуштени и на лице место се наоѓаат мајстори за отстранување на дефектот.
Од ЦУК во 12.37 часот повторно е направен телефонски контакт со Македонски железници, при што потврдија дека дефектот е отстранет. Притоа информираа и дека е можно на некои делови рампите да бидат затворени заради акцијата што е претходно предвидена за прскање на тревата околу железничките пруги“, се нагласува во информацијата од ЦУК.
Македонски железници апелираат, граѓаните да бидат трпеливи при процесот на спуштање и кревање на рампите, затоа што сигнализацијата се контролира мануелно од страна на диспечерите на Македонски железници.