Mинистерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто оствари работна посета на Република Северна Македонија, на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Следната година, во второто полугодие, Унгарија ќе претседава со ЕУ. Очекувам, како и досега, Унгарија силно и гласно да ја поддржи нашата евроинтеграција. Затоа треба сите да бидеме обединети околу европската идеја и да обезбедиме дека после толку години чекање нема повторно да се создаде застој во ЕУ пристапниот процес во моментот кога тој реално добива на забрзување заради геополитичките околности“, изјави Османи.
Од страна на министерот Сијарто беше пренесено цврстото уверување дека Унгарија ќе стави значаен фокус на ЕУ проширувањето со државите од Западен Балкан за време на претстојното унгарско претседателство со Советот на ЕУ и ќе продолжи да биде еден од најгласните поддржувачи на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската унија.
Унгарија е значаен политички и економски партнер на нашата земја, кој е меѓу првите 10 најголеми трговски партнери и странски инвеститори во земјата, со нагорен тренд на трговската размена и континуиран суфицит на извозот од наша страна.
Поздравувајќи го нашето претседавање со ОБСЕ, унгарскиот министер за надворешни работи истакна дека Унгарија особено ја вреднува посветеноста и придонесот на Република Северна Македонија кон стабилноста и просперитетот на целиот ОБСЕ регион.
На средбата беа разменети мислења и околу соработката во рамки на НАТО, при што заемно беше констатирано дека дополнително ги зајакнуваме партнерските односи и заемната посветеност за надминување на безбедносните предизвици.