Османи брутално искрен за пасошите: Место да даваме лажна надеж дека ќе го смениме договорот од Преспа, да го забрзаме издавањето до 12 февруари

Османи-брутално-искрен-за-пасошите-Место-да-даваме-лажна-надеж.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Давање лажна надеж на граѓаните и некоректно кон нив би било сега да им се испрати порака да бидат без грижа доколку имаат пасоши со старото име на државата и да чекаат да се направат измени во меѓународниот договор, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој денес ги повика институциите да се организираат и до 12 февруари да се издадат колку што може повеќе пасоши, а решение за оние кои ќе останат со несменети пасоши ќе се бара на 13 февруари.


„Договорот од Преспа е меѓународен договор. Јас мислам дека наместо да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор, дека ќе го смениме законот за спроведување на уставните амандмани, е да работиме граѓаните да немаат пречки после 13 февруари. Да се забрза издавањето пасоши, да почне налепниците да се лепат на регистарските таблички. Дајте да се организираме до 12 февруари да завршиме колку можеме повеќе. После на 13 ќе мислиме што останало како проблем и како тоа да го регулираме со грчката страна. Сметам дека некоректно е сега да им испратиме порака на граѓаните ‘седете вие без грижа, затоа што ние ќе средиме и на крај да им кажеме – не не успеавме’. Се обидувам да бидам брутално искрен, меѓутоа покоректно е да сум сега отколку после тоа граѓаните да останат на граничните премини и на некој начин ние да сме причина за тоа“, рече министерот Османи.

Грчката страна, според министерот, има целосно разбирање за техничките аспекти од процесот. Разговарале за сите детали, вклучително и за тоа колку  часови луѓето чекаат и зошто е тоа така. Осмеани вели дек аи покрај разбирање од грчката страна очигледна е обврската од меѓународниот договор и таа останува.

„Ние се договоривме МНР прво да ги координира институциите и да биде во секојдневна комуникација со грчката страна, мојата порака е дајте до 12 да смениме колку што можеме повеќе“, рече министерот Османи и повика наместо иницијативи за одлагање да имаме иницијативи за промена на документите.

Министерот извести дека имал средба со грчката амбасадорка, но имал и меѓуинституционална координација во МНР со претставници од МВР и од Министерството за транспорт за да ги разгледаат сите предизвици кои што може да се јават по 12 февруари.

„Мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните, ова е обврска која што се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да ги средиме документите на граѓаните. Државата треба да ги направи тие напори па ако треба и да ги компензира граѓаните кои што во овој период треба да ги сменат личните документи“, вели министерот Османи.

На можноста за еден ден да се смени договорот до Грција и да се пролонгира рокот за новите пасоши до септември укажа претседателот Стево Пендаровски, минатата недела. Премиерот Димитар Ковачевски преку медиумите му порача тој да слушне со претседателката на Грција оти и на тоа ниво може да се реши проблемот, но ниту претседателот ниту премиерот не контактираа со грчката страна туку оставија обврската да ја заврши Министерството за надворешни работи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK