Под моќното мото „Заветот од минатото е патоказ кон иднината“, ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија со свечена приредба го одбележа својот патрон празник. Настанот, кој собра голем број преставници на локалнара самоуправа, институции, ученици, наставници, родители и пријатели на Училиштето, заеднички му оддадоа почит на делото на големиот Мисирков. Свеченоста започна со официјално обраќање на директорот на Училиштето, Ѓорге Стамков, кој ја истакна одговорноста на институцијата во градењето на идните генерации.
– Почитувани, денес стојам пред Вас со чувство на голема чест, но и одговорност, на ден кога го одбележуваме патрониот празник на нашето училиште ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Нашето училиште го носи името на Крсте Мисирков- човек кој не се плашел да размислува поинаку, да зборува гласно и да се бори со знаење. Неговата визија била насочена кон иднината- кон генерации што ќе знаат кои се и каде припаѓаат. Нашето училиште не е само институција- тоа е место во кое растат идеи, се оформуваат личности и се раѓаат соништа. Тука започнуваат првите чекори кон науката, се буди љубовта кон уметноста и се гради духот на спортот. Драги ученици, училиштето не треба да биде само место каде што се добиваат оцени, туку место каде што се гради карактер. Вашата иднина не зависи само од тоа што ќе научите, туку и какви луѓе ќе станете. Почитувани наставници, Вашата улога е незаменлива. Вашата посветеност остава трага која не се мери со бројки, туку со човечки судбини. Почитувани родители, Вие сте наши партнери. Кога училиштето и семејството чекорат заедно, резултатите се најсилни и највидливи. Да продолжиме да градиме училиште кое ќе биде место на сигурност, инспирација и можности. Да не заборавиме- вистинската големина на едно училиште не се мери само со постигнатите резултати, туку со луѓето што излегуваат од него. На крајот, дозволете ми да Ви се заблагодарам на сите што придонесувате нашето училиште да биде место исполнето со знаење, вредности и надеж- истакна Стамков во својот говор.
По инспиративното обраќање, следуваше богатиот културно-уметнички дел, кој беше отворен со хор и хорско пеење под менторство на Горан Лазаров. Креативниот мозаик продолжи со настапот на ученицикои под водство на Милена Стамкова, Емилија Старделова и Марјан Бучков го изведоа рециталот „Кажувања на Гоце Делчев“. Публиката имаше можност да ја проследи и драматизацијата „Мрзливата жена и метлата“, како и да ужива во традиционалните звуци на музичките композиции изведени на труба од Атанас Гошев и на гајда од Кирил Јованов.
Програмата беше заокружена со динамични танцови изведби: кореографијата „Најмила“ под менторство на Душица Ичева, хип-хоп настап под менторство на Александар Аврамов, како и танцовите изведби на песните „Црна се чума зададе“ и „Да си вечна земјо моја“ под менторство на Марија Граматикова. Притоа, ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Притоа, ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија им додели благодарници на Борче Костаќев за неговата општествена одговорност и значаен придонес преку донација и на Центарот „Дијализа – Дијаверум“ за поттикнување на здрави навики кај децата.