Градежни активности за реконструкција на улиците „Корџевска“, „Домазетовска“, „Мишевска“ и „Чучевска“ од денес се одвиваат во селото Драчево.
Овие четири сообраќајници претходно беа опфатени со проектот за изградба на водоводна мрежа, која на жителите од овој дел на општината после декади чекање, им обезбеди квалитетна вода за пиење. Во наредните денови ќе се врши гребење и подготовка, по што ќе уследи асфалтирање. Се работи за површина од околу 6000 квадратни метри, известува општина Кисела Вода.
„Заокружуваме еден поголем проект кој обезбедува квалитетна подземна и надземна инфраструктура за жителите од селото Драчево. Конкретно, на семејствата од улиците Корџевска”, “Домазетовска”, “Мишевска” и “Чучевска” во изминатите месеци прво им обезбедивме квалитетна водоводна мрежа, што беше решение на еден повеќедецениски проблем, а откако сите поставија приклучок, сега преминуваме кон комплетирање на проектот, со реконструкција на улиците. Градежните активности за асфалтирање на овие сообраќајници опфаќаат околу 6000 квадратни метри површина. Пред само една седмица, го асфалтиравме и потегот околу црквата “Свети Спас” во селото Драчево, на површина од околу 1600 квадратни метри. Унапредувањето на условите за живеење во сите населби и населени места со плански и целосен начин на работа и понатаму ќе биде наша стратегија и цел кон која ние, како Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник продолжуваме да се стремиме. Инвестирањето во вакви проекти продолжува низ цела Кисела Вода се до целосно надминување на проблемите со кои нашите жители се бореле со децении“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.