Во Велес одбележани 72 години од смртта на Панко Брашнаров

panko brasnarov spomenik
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пред споменикот на Панко Брашнаров лоциран во новиот дел на градот во близина на касарната, Општина Велес денеска одбележа 72 години од смртта на Панко Брашнаров, народниот учител и учесник во битката на македонскиот народ за независност и слобода од Илинден до АСНОМ каде бил и негов претседавач.

Во знак на почит и благодарност, делегација предводена од градоначалникот Марко Колев и членови на Советот на Општина Велес, членови на неговото семејство, претставници од локални установи и институции, политички партии, училиштето кое го носи неговото име, положија букети свежо цвеќе и се поклонија на неговото дело.


Инаку, Панко Брашнаров се уште почива во заедничка гробница на гробиштата „Мирогој“ во  Загреб. Неодамна, Советот на Општина Велес донесе одлука да се започне иницијатива за враќање на моштите на Панко Брашнаров во неговиот роден Велес.

Општина Велес неговиот споменик го постави во 2004 година и е дело на академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков, а претставува повеќе фази  од неговиот живот и дело.

Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во битката на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските, Првата светска војна до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото Брашнаров е  приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK