– Во центарот на Прилеп се разлеаја гајдите, зурлите, кавалите, одекнаа тапаните. Околу 300 изведувачи од државава и гости од Србија и Бугарија учествуваат на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој синоќа започна во центарот на Прилеп. Речиси педесет години Фестивалот, уверуваат организаторите, ја исполнува својата задача за негување, зачувување и пренесување на изворниот мелос.
-Целта ја остваруваме – се негува, се зачувува и се пренесува богатиот изворен мелос на новите генерации. Сѐ повеќе млади ни доаѓаат. Имаме изведувачи од сите краишта на Македонија. Ни дојдоа и гости од Србија, Бугарија. Учествуваат и стари и млади. На прагот сме на петтата деценија од одржувањето на Фестивалот и горди сме што даваме придонес во негувањето на богатиот изворен мелос, рече Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.
Со доаѓањето на фестивалот, младите сфаќаат дека не само што настапуваат, туку и добиваат нови знаења за традиционалните инструменти и песни.
-Ако се земе предвид и Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, веќе 13-та година по ред се одржува, го имаме и Симпозиумот за нови сознанија и истражувања за фолклорот, тогаш со сигурност може да се рече дека Фестивалот е и место за нови познавања на изворниот мелос, смета Стојанче Костов, член на Извршниот одбор на Фестивалот.
Дванаесет годишниот Огнен Радуловиќ и 15-годишниот Илија Неделковски со години членуваат во КУД „Илинден“ од Битола. Од најмала возраст ја носат љубовта спрема народните инструменти и свирењето.
-Започнав од мојата трета година да свирам на кавал, но сепак, гајдата ми е подраг инструмент. Звуците остануваат во срцето, вели Радуловиќ.
-Меракот ми е за кавалот. Започнав да го учам дома, преку интернет, сега го усовршувам знаењето, вели Неделковски.
Јана Грујоска членува во КУД „Илинден“ од Струга. Ја сака традицијата.
-Ги пееме лазарските песни. Ја сакам традицијата поради сета таа нејзина бујна разновидност, поради различностите што ги има во сите краишта од Македонија, вели Грујоска.
И гостинот од Књажевац, Србија, Небојша Милошевиќ, кој четврти пат доаѓа на Фестивалот, изработува народни инструменти и смета дека одржувањето на традициите е дел од опстојувањето на еден народ.
-Корените се тука. Секој народ, своето обележје го има преку музиката, обичаите, славите, преку носиите, рече Милошевиќ.
Вечер од 19 часот на Рудина, Долнени, е втората фестивалска вечер. Жири комисијата што ја сочинуваат: професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и д-р Стојанче Костов ќе ги прогласат најдобрите изведувачи. Ќе биде доделена Гранпри наградата за најдобар изведувач или група, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие „Гајдата на Пеце“ што ја доделува општина Долнени.
Во рамките на Фестивалот, по 13-ти пат се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, а по четврти пат Симпозиумот за фолклорот во минатото и денес.
На првата фестивалска вечер, во ревијалниот дел настапи националниот ансамбл „Танец“.