Користејќи ги извидничките знаења, вештини и искуства, вие промовирате активизам и здрав живот кај младите. Вашите програми помагаат за интелектуален, психички, социјален и емотивен развој кај луѓето на млада возраст, порача претседателот Стево Пендаровски денеска од скијачкиот центар „Станич“ во Крушево, отворајќи ја 13. извидничка смотра на Сојузот на извидници на Македонија, чиј покровител е. На смотрата учествуваат преку 800 извидници од државава и од 16 други земји од светот.
-Како една од невладините организации со бројно членство, вие придонесувате за квалитетно неформално образование, активно граѓанство и севкупен развој на заедницата. Како дел од светската скаутска мрежа на околу 150 национални движења, посакувам и понатаму да ја остварувате својата мисија и достојно да ја претставувате нашата држава на меѓународните настани. Токму и оваа 13. смотра, освен настан од особено значење за Сојузот на извидници на Македонија, е значаен настан и во календарот на светската скаутска организација, за што сведочи и бројот на извидници, гости кои ни доаѓаат од различни страни на светот. Ви посакувам да имате дружења кои ќе ви останат во вашите сеќавања. Учете нови вештини и знаења, но, стекнувајте и градете и нови пријателства, рече претседателот Пендаровски на отворањето на Смотрата.
Извидниците кратко ги поздрави и им посака успех и министерката за животна средина Каја Шукова, а крушевскиот градоначалник Томе Христоски, како домаќин нагласи дека туристичко и историско Крушево е гордо што е домаќин на извидниците од светот.
-Крушево е домаќин на сите гости од сите страни. Посебно е задоволството што извидниците од 16 земји ќе ги покажат младешката сила, ентузијазнот и издржливоста. А Крушево има многу да покаже од историја, култура, од алтернативен туризам и природни убавини и верувам на извидниците тоа ќе им остане во убави сеќавања, рече Христоски.
За Валентин Груевски, директор на ЈП „Национални шуми извидништвото е благородност, а извидниците се силата која ќе помогне многу во збогатувањето на шумското богатство.
-Ова е продолжување на долга и благодарна мисија, а Сојузот на извидниците е добар партнер за идејата да засадиме годинава еден милион и 800 000 садници, рече Груевски.
Агенцијата за остварување на правата на заедниците во последните три години поддржа над 60 проекти, а извидниците придонесуваат вмногу во општествениот живот.
-Кај нас се оценуваат квалитетот и интегрирањето на заедниците во општествениот живот и друго ништо не е битно. Ваквите активности имаат голем придонес во заедницата, рече Еран Куртиш, директор на Агенцијата.
Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт на македонските извидници им го честиташе јубилејот, 70 години од македонското извидништво.
– Се надевам на многу нови членови во Сојузот на извидниците на Македонија и да биде партнер за соработка на Агенцијата за млади и спорт, рече Мојсоски.
На организирањето на смотрите со преку 800 учесници од државава и уште 16 други земји, Сојузот напорно работел две години.
-Извидништвото е училиште на животните вештини. Целта е извидниците добро да „пливаат“ во животот и да бидат добри чинители во општеството, изјави Лазар Апостолов, претседател на 13-та извидничка Смотра.
Смотрите на извидниците ќе траат 10 дена.