Во Кочани денеска почна шестдневен национален Камп за млади информатичари во организација на локалното здружение „Бистри умови“, а со поддршка од македонското Здружение на информатичари.
На Кампот присутни се осум најдобри млади информатичари со кои работат професори и студенти ментори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје.
Кампот го отвори градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, а се организира во рамки на обуката на јуниорските и сениорските екипи кои ќе ја претставуваат државата на претстојните олимпијади и натпревари по информатика во светот.
-Здружението на информатичари веќе 34 години ги организира државните натпревари по информатика, а за да имаме добри резултати на меѓународно ниво мора најдобрите ученици да ги подготвиме да им бидат конкурентни на другите ученици од целиот свет. Ние, со помалку од два милиона население, избираме четири ученика да нè претставуваат на светската олимпијада по информатика, за разлика од Кина, на пример, каде има околу една ипол милијарда жители од кои исто така се избираат четири ученика, па треба да сме конкурентни со нив. Затоа, мора да посветиме повеќе внимание, да направиме многу подобри подготовки и да имаме добри резултати, како што минатата година освоивме силен сребрен медал на меѓународно ниво, истакна Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија.
Од кочанското здружение „Бистри умови“, кое е формирано пред неколку месеци, нагласија дека нивната цел е да им помагаат на младите таленти да напредуваат во знаењата поврзани со информатиката, а сето тоа да биде бесплатно за учениците.
Кампот на млади информатичари се реализира под покровителство и со финансиска поддршка од Општина Кочани.