Во Кавадарци изложба на вкоричени изданија ,,Нова Македонија” од 1946 до 2004 година

opshtini
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Изложба на вкоричени изданија од дневниот весник ,,Нова Македонија” од 1946 до 2004 година, беше отворена денеска на градскиот плоштад во Кавадарци. Организатор на настанот е кавадаречката библиотека ,,Феткин”, во рамки на општинската манифестација ,,Културно лето”.

Директорот на библиотеката, Петар Гурев нагласи дека оваа културна установа уредно ги чувала овие изданија со години. Станува збор за 146 книги, повеќе од тон ипол во тежина.


– Горди сме на оваа збирка и ја чуваме во посебни услови, нагласи тој, појаснувајќи дека и по завршувањето на изложбата, сите заинтересирани можат да ги најдат потребните информации низ овие изданија, доколку се обратат во библиотеката.

Доктор Стојанче Рамов, претседател на Совет на Општината, рече дека ,,Кавадаречко културно лето” веќе неколку недели го полни градскиот плоштад и успешно се спроведува целата програма. Задоволство, е, нагласи, кога граѓаните со интерес ги следат сите настани.

– Денес Библиотеката со овој настан враќа години наназад во времето поминато, со зачувани информации. Важно е да се напомене дека вакви изданија зачувани на овој начин, ретко може да се најдат. Денес можеме да се вратиме назад и да погледнеме во кој ден што се случувало во Македонија и светот. Се надевам дека ќе уживате во оваа несекојдневна изложба, додаде Рамов.

Главниот и одговорен уредник на ,,Нова Македонија”, Марјан Велевски потсети дека станува збор за првиот весник печатен на македонски јазик, првиот број бил испечатен на 29 октомври во 1944 година.

Изданијата се изложени во претпладневните часови, на пладне ќе има прекин поради високите температури, а тие повторно ќе бидат достапни за разгледување по 19.30 часот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK