На третиот ден од големиот христијански празник Велигден, во Миравци, ќе се слави вековната традиција со фолклорната манифестација „Ѓура Мара“. На 22 април 2025 година, со почеток од 19:30 часот, на платото пред Домот на културата, во организација на КУД „Танец“- Миравци, покрај домаќините и настапите на КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, својата традиција низ песни и ора ќе ја презентираат и Фолклорните друштва „Грива“ и „Крушаре“ од Република Грција. Како што е веќе познато, миравчкото фолклорно друштво, по зајдисонцето, ќе го игра автентичното оро на песните: „Собрале ми се набрале“, „Бој се бие“, „Цуцул пасе говеда“ и „Ај да го играме плетеното оро“, а низ драмска игра со прикажување на обидот за грабнувањето на Мара од турските војници и херојскиот подвиг на братот Ѓуро, односно спасувањето.
Настанот е поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за финансиска поддршка на програми и проекти од областа на културата и е дел од априлската програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.