Тиквешијата денеска одбележува 82 години од загинувањето на Диме Поп Атанасов, прва жртва по окупацијата на Македонија во 1941 година, потсетија денеска од Музеј галеријата во Кавадарци.
Роден бил во селото Страмашево во 1918 година. Неговото семејство се преселило во Кавадарци каде што завршил основно образование и граѓанско училиште до четврти клас. Немајќи финансиски можности да го продолжи школувањето, работел како шивачки калфа. По извесно време се вработил во општинската управа во Кавадарци како општински писар. Тој бил еден од иницијаторите за отворање на градско читалиште и библиотека во Кавадарци.
– Во таа иницијатива се вклучиле Страшо Пинџур, Димката Ангелов, Никола Минчев, Мито Хаџи Василев и други. Во 1937 година Диме бил иницијатор за формирање на илегална симпатизерска група во која членувале Киро Спанџов, Илчо Стефановски, Методија Димовски и Диме Боцев – содаџијата. Во 1940 година Диме Поп Атанасов бил примен во редовите на скоевската организација од страна на Мито Хаџи Василев, заедно со Киро Крстев, Пешо Кимов и Глигор Гечевски, потоа и член на МК на СКОЈ за Кавадарци. Во 1941 година активно се вклучил на повикот на Месниот комитет на КПМ од Кавадарци за прибирање на оружје и друг потребен воен материјал и негово складирање на сигурни места, потсетија од Музејот.
Поп Атанасов бил назначен и за секретар на читалиштето.
– Во една таква акција во неготинското село Горни Дисан, заминале Диме Поп Атанасов, Атанас Златев и Ацо Ицев. Предадени од домашни предавници на пат за Кавадарци, во нив пукал падар, а Поп Атанасов бил смртно погоден, потсетија од Музеј галеријата во Кавадарци.