Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски утрово ги испрати на училишен летен камп повеќе од 400 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба.
Оваа година е трета по ред во која се реализира училишниот камп во кој општина Гази Баба учествува со субвенционирање на цената за учество на секој ученик.
За испраќањето на учениците во објава на својата официјална страна на фејсбук информираше градоначалникот Стефковски.
„Утрово имав можност да ги испратам и да им посакам среќен пат и убав престој во училишниот летен камп на повеќе од 400 ученици од општинските основни училишта, кој се реализира со финансиска поддршка од општина Гази Баба преку субвенционирање на цената за учество на секој ученик.
Во рамките на кампот учениците ќе бидат дел од спортски, едукативен и забавен дел, а најважно од се е тоа што тие ќе можат меѓусебе да другаруваат.
Учениците во училишниот камп ќе бидат обучувани за основна пливачка техника.
Овој проект, општина Гази Баба го реализира во соработка со општинскиот сојуз за училишен спорт Гази Баба.
Среќен сум што преку реализација на оваа мерка успеавме да ги направиме учениците среќни, а како една од целите која ќе ја постигнеме со поддршката на училишниот летен камп е и поголема социјализација помеѓу децата.
Ова е еден од проектите кој започна да се реализира со моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба.
Продолжуваме со реализација на мерки и проекти за најмладите жители на нашата Гази Баба“, напиша Стефковски.