Спортското риболовно друштво „Трофта” апелира до надлежните за позасилен надзор и контрола на Дебарско Езеро по појавата на нелегален риболов и со недозволиви средства.
Дополнително на состанокот на раководството на друштвото е договорено и неговите членови да ја следат состојбата и да ги известуваат надлежните.
-Се договоривме да преземеме доброволни мерки за надзор на Дeбрско Езеро, со оглед на најкритичниот период односно мрестот, поради што несовесни лица со тврди предмети ја масакрираат рибата. Во моментот кога ќе забележат вакво нешто веднаш ќе ја известат полицијата од местото на настанот за преземање на понатамошни мерки. Ќе бидеме на секое место на езерото. Доста беше уништување на рибниот фонд, изјави за МИА, Бели Халити, претседател на СРД „Трофта”.
Смета дека поголема ангажираност е неопходна и од Подрачната единица на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и инспекторатот за рибарство.
– Во моментов има забрана за лов на крап, клен и скобал, заради мрестот кај овој вид риба. Токму поради тоа рибите се доближуваат до брегот што пак несовесни лица, како од нашето подрачје но и други општини, го злоупотребуваат тоа и вршат лов со недозволиви средства, посочува Халити.
Пред два дена полициските службеници од дебарското одделение за внатрешни работи лишиле од слобода жител на струшкото село Добовјани, кој бил затекнат при незаконит риболов користејќи водна пушка-харпун марка „Марес“ и метална шипка-вила за риболов.