Штетите од поплавите во гостиварско ќе се проценуваат, локалните власти работат на нормализирање на состојбата

opshtini
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Последиците од невремето со пороен дожд што го зафати јужниот дел од општина Гостивар се санираат, а надлежните служби работат на нормализирање на состојбата. Излевањето на водата од каналите за наводнување и надојдените потоци и реки поплавија повеќе десетици домови во населбата Бањешница и селото Беловиште. Вода навлезе и во ординациите на приземјето во болницата.

Локалната самоуправа по синоќешниот и денешниот увид на местата кои беа погодени од непогодата презеде мерки, а за евентуално обесштетување ќе одлучува на седница на Советот на општината.


– По пријавите, уште синоќа со претставници на надлежните служби излеговме на терен и видовме повеќе критични места. Денес одлучивме да свикаме седница на Советот на која ќе се разгледа фактичката состојба и можноста за надомест на штетите. Граѓаните кои претрпеа штети треба да поднесат барање и комисија ќе утврди колкави се, изјави Ваљбон Лимани, претседател на Советот на општина Гостивар.

Лимани напомена доколку се работи за помали износи, штетата ќе биде надоместена од општинскиот буџет, а во случај да ги надминува можностите на локалната самоуправа, помош ќе се бара од државата.

Прекин во работата денес имаше во Општата болница, каде вода навлезе во повеќе амбуланти кои се на приземјето на објектот.

– Вода навлезе во повеќе ординации и амбуланти. Таму на санација се работеше уште вчера, а денес се врши чистење и дезинфекција. Од тие причини денес не работеа одделението за физикална терапија, амбулантата за кожни болести. Уролошките прегледи денес се вршеа во други простории, изјави Илбер Адеми, директор на Општата болница „Ферид Мурад“. Тој напомена дека вода навлегла и во подрумските простории и во тунелите за лифтовите и тие се исклучени.

Адеми нагласи дека проблемот со поплавувањето е акутен и дека од пред извесно време е распишан тендер за да се најде трајно решение.

Повеќе граѓани од населбата Бањешница упатија барање до надлежните служби да го решат проблемот со каналот за наводнување. Тие сметаат дека нередовното чистење на каналот го отежнува текот на водата во случај на пообилни врнежи. Во овој дел пријавени се штети од поплавување на дваесетина куќи и имоти.

Екипи на ЈП „Комуналец“ од синоќа работат на расчистување на теренот од смет, камења и дрвја во селото Беловиште и населбата Циглана. Во локалната млекара е регистрирана штета во погонот за производство. Вработени од ЈП Комуналец со расположливата механизација се на терен и работат на расчистување.

Во овој дел на градот синоќа повеќе од еден час беше отежнато движењето на возила.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK