Се подобрува сообраќајниот пристап на ГП Табановце – Прешево во рамки на иницијативата Отворен Балкан

tabanovce
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Започнуваат градежните инфраструктурни зафати на граничниот премин Табановце за проширување на пристапните сообраќајници од македонска страна што има за цел забрзување на протокот на возила и олеснување на трговијата. Активностите, како што информираа денеска од Царинската управа, се во целосна координација со институциите од српска страна каде наскоро ќе започне сличен инфраструктурен зафат.







Планираните активности се во рамки на иницијативата Отворен Балкан и согласно потпишаниот Меморандум помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија, во кој се содржани мерките за забрзување на движењето на возила, луѓе и стоки преку заедничката државна граница.

Од Царината соопштуават дека градежните зафати се очекува да завршат во првата половина од следниот месец, пред почетокот на туристичката сезона. Исто така, во периодот што следи ќе започне да се применува и мерката за признавање на потврдите за вагање на товарните возила помеѓу Царинските управи на двете земји, со што ќе се намали времето за спроведување на царинските формалности.

Дополнително, од Царинската управа велат дека работат и на воведување на концептот на т.н. паметни граници, што подразбира поставување нова опрема, односно нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата интегриран со читачи на кодови на документи, како и поставување на нови автоматизирани рампи и ваги.

-Овие мерки ќе придонесат за забрзан проток на граничниот премин Табановце и намалување на трошоците на патниците и економските оператори, што ќе влијае позитивно на меѓународната трговска размена во регионот, соопшти Царинската управа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK