Македонската јавност денеска прв пат се информира за недвижното културно наследство на Битола од Османлискиот период кое располага со над 100 мекогашни и сегашни објекти во градот.
Проектот го презентираше тим предводен од Виктор Трајановски, доцент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИМ-Скопје.
-Проектот е креиран преку Центар за етнолошки истражувања и примената антрополгија-ЦЕИПА од Скопје. Изработивме две посебни мапи, една за профаните објекти, а друга за сакралните објекти во градот Битола, за сите објекти што егзистирале или биле создадени за време на Османлиското владеење. Истражени се различни објекти, муслимански, еврејските синагоги, цркви и објекти на граѓани со цел да ја утврдиме точната постоечка или непостоечка локација на објектот и да ги фотографираме и опишеме, изјави за МИА Трајановски.
Мапирани се околу 120 објекти, од нив 70 профани и 50 сакрални. Од мапираните останати се повеќе од половина, а тоа се црквите, џамиите, теќиња, турбиња…додека од профаните објекти тука е офицерски дом, џепането на Тумбе кафе, одредени амами, битолската магаза, библиотеката Интифа, Беледије (општина), митрополитска резиденција, касарните и други.
-Идејата беше да направиме промоција и презентација на недвижното културно наследство во градот Битола, потоа да направиме заштита на културното наследство за тоа како објектите изгледале во минатото, и трета цел ни беше да едукативниот дел односно поширокоата јавноста да се едуцира за некогашните објекти во Битола, посочи Трајановски.
Проектот на ЦЕИПА го реализира тим млади соработници, студенти битолчани и затоа доцент Трајановски нагласи дека ова е проект од битолчани за битолчани.