Проект и камп за обука на „Заводот и музеј – Охрид“ за јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот регион

opshtini
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“ стартуваше со реализација на проектот „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“, вреден 55 илјади долари средства обезбедени преку УНЕСКО.

Станува збор за проект што има за цел со помош на меѓународни експерти да ги надгради знаењата и способноста на стручните лица во „Заводот и музеј – Охрид“, како разгледување на постоечката документација и спроведување на теренска проверка на моменталната состојба на културното и археолошко наследство во Охридскиот регион и документирање со фотографии и сателитско-лоцирање, потоа дигитализирање на документацијата со стандардизирана процедура за евиденција на културното наследство во рамки на проектот, компатибилна на веќе поставените системи во установата и националниот електронски регистер.


Следен чекор во рамки на проектот ќе биде соработка со експерти вклучени во развојот на национална ГИС-платформа за археолошки и архитектонски споменици во Албанија и со релевантните општини во Албанија со цел зајакнување на прекуграничната соработка за специфичните потреби на регионот на Охридското Езеро.

За таа цел склучен е Меморандум за соработка со „Културно наследство без граници – Албанија„ (CHwB Albania), со кои заедно ќе биде спроведена обука и Регионален реставраторски камп, предвиден да се одржи во септември оваа година. На кампот ќе се изучуват и зајакнуваат вештини за евиденција, инвентаризација, дигитализација и користење на ГИС-платформата за недвижно културно наследство, со цел да се постави работен план кој обезбедува негово долгорочно одржување и редовно ажурирање.

Резултатите од кампот ќе бидат подлога за создавање на ГИС-платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион, со што ќе се обезбеди ГИС-базата на податоци што ќе може да ја користи и пошироката јавност, а ќе се потхранува со податоци за недвижното културно наследство и заштитените археолошки локалитети собрани и документирани во текот на проектот.

Резултатите од проектот и ГИС-платформата по завршувањето на обуката и кампот ќе бидат претставени пред Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион и Заедничкиот комитет за управување со прекуграничното светско наследство „Охридско Езеро“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK