Проект ,,Час на физичка активност” за децата со посебни образовни потреби во Кочани

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– ОУ „Никола Карев“ од Кочани реализира самостоен проект „Час на физичка активност“ наменет за децата со посебни образовни потреби од општината.

Секој викенд, во училишната спортска сала, наставниците по физичко образование волонтерски организираат физички вежби и игри за децата кои имаат потешкотии во психичкиот и физичкиот развој.



-Активностите почнаа по иницијатива на родителите на децата со посебни образовни потреби, при што изразија желба тие да спортуваат и меѓусебно да се дружат, за полесно да бидат прифатени во средината во која живеат. Нашите наставници ја прифатија, па секоја сабота, во период од еден час, работат со нив на различни физички вежби и прилагодени спортски игри. Станува збор за отворена активност, што значи дека не се плаќа никаков надоместок и секој родител може да го донесе своето дете за да вежба, со што ќе му се подобрат психомоторните способности, истакна Оливер Јовановски, наставник по физичко образование во ОУ „Никола Карев“.

Проектот се реализира од средината на март и ќе продолжи до крајот на оваа учебна година, а на вежбите доаѓаат по петнаесетина деца, иако постојат услови нивниот број да биде поголем. Од идната учебна година бројот на тренинзите ќе се зголеми на три пати неделно, а се очекува да се прошири и опфатот на корисници на проектот.

За континуирана и нормална реализација на содржините ќе се бара финансиска поддршка од буџетските средства на Општина Кочани, како и од домашни и странски донатори, пред сè за набавка на соодветни помагала и реквизити за вежбање на децата со посебни потреби.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK