Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, оствари работна средба со министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, каде во рамки на средбата посетија неколку локации на територија на општина Илинден.
Градоначалникот Георгиевски и министерот Велковски направија увид во градежните активности на доградбата централниот објект на детската градинка „Гоце Делчев“. Со проширување на капацитетот на градинката, ќе се изградаат 4 занимални во кои ќе бидат згрижени деца на возраст од 9 до 24 месеци (2 отворени и 2 затворени), тоалети и помошна кујна. Доградбата ќе се простира на 280м2 бруто површина, а ќе биде изведена согласно правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејност. Во дворот ќе бидат изградени два детски парка, и тоа парк со детски реквизити и парк за моторен развој на децата.
„Со изградбата на новиот дел, детската градинка ќе располага со вкупно 22 групи распоредени во 2 објекти и ќе бидат згрижени вкупно 560 деца, такашто со овој проект комплетно ќе се реши проблемот со недоволен згрижувачки капацитет со кој се соочувавме во текот на изминатите 14 години. Овој проект, доградбата на градинката се реализира со сопствени средства, но понатаму ќе ни треба поддршка од министерството во делот на опремувањето, како и работниот кадар, а ставањето во функција на објектот треба да биде од наредната сезона и ќе можат да се згрижуваат дечињата“, изјави градоначалникот Георгиевски.
Министерот Велковски го поздрави овој голем капитален проект кој го реализира Општина Илинден и додаде дека министерството за труд и социјална политика ќе има можност да даде допринос во опремувањето на новиот дел на градинката, а потоа и поддршка во делот на работниот кадар кој ќе биде потребен за згрижување на децата.
„Ги повикувам пратениците од Собранието на Република Македонија да работат на законското решение кое го понудивме во делот за лиценцирање на негователките, воспитувачките и другиот стручен кадар, бидејќи има над 1000 баратели за лиценцирање, од изминатите три години. Понудивме решение кое ќе значи брзо решавање на лиценцирање на овие баратели кои подоцна истите ќе бидат ставени на листата на пазарот на трудот и да се јават на повиците кои ќе бидат после изборниот процес во самите детски градинки“, изјави министерот Велковски.
Во рамки на посетата градоначалникот и министерот направија увид и на локацијата каде Општина Илинден ќе гради Центар за дневен престој за лица со попреченост, пришто министерот истакна дека и за овој проект министерството ќе даде поддршка за реализација. Дневниот центар треба да обезбеди дневно згрижување, работно – окупациона терапија, физикална терапија и стручна работа, рехабилитација и други активности на лицата со попреченост. Центарот ќе се простира на површина од околу 300м2 и ќе содржи, заеднички простории, простории за комуникација, санитарно – хигиенски простории, административни простории и економско-технички простории.
Градоначалникот Георгиевски и министерот Велковски ја посетија и македонската компанија Пекабеско која се наоѓа во локалната економска зона Марино-Кадино во Општина Илинден и претставува една од водечките компании во Македонија. Компанијата има 40 годишна традиција, а нивните производи се знак на препознатливост на македонскиот квалитет како во Македонија така и во речиси сите земји од регионот и пошироко во Европа.