Полицијата изврши увид по вчерашниот пожар на штипската депонија „Трештена скала“

policija pozar
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Извршен е увид од страна на полициски службеници по пожарот на депонијата „Трештена скала“ во Штип, каде што вчера огнените јазици поради ветерот ги зафатија и околните ридови со сува трева и нискостеблеста шума во атарите на селата Софилари и Пенуш. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков денеска информираше дека се истражува од каде е почнат пожарот, но и дали станува збор за намерно палење од страна на лица кои собираат старо железо.

Зајков истакна дека вршат и видео надзор од главниот пат на возилата, но како што вели немаат ресурси да ја покријат целата депонија со видео надзор. Тој рече дека општината, граѓаните, но и стопанските субјекти во Штип веќе треба да размислуваат и за примарна селекција на отпадот.



-Односно факт е дека во комуналниот отпад се повеќе и повеќе се одлага и амбалажниот отпад, односно картон, пластични фолии и индустрискиот отпад, кои би можеле да доведат до ситуација за палење. Исто така се повеќе и повеќе е зачестено присуството на невластени лица кои вршат буричкање или растргнување на отпадот се со цел да пронаѓаат железо, кое има употребна и економска вредност и истите тие во минатото биле причина за палење на депонијата, вели Зајков.

Меѓу мерките кои сакаат да бидат преземени е и забрана за движење кон депонијата кога се високи температурите, а се со цел да се спречат пожарите на депонијата „Трештена скала“. Прашан дали досега некое лице или група се фатени за предизвикување на пожар на депонијата, Зајков со одговор дека досега имало само осомничени лица, но немајќи докази овие лица не завршуваат на суд.

-Досега немаме документирано случај и процес во кој е утврден виновник за палење на депонијата, додава Зајков.

Досега се правени и обиди за воведување на чуварска служба, но ова е неизводливо од аспект на тоа што нема хумани услови за самите чувари, односно  на оваа депонија  нема услови за инсталирање на вода за пиење и струја. Зајков потенцира дека единствено решение е изградбата на регионалната депонија кај селото Мечкуевци, во Општина Свети Николе.

Предвидено е оваа депонија да биде претоварна станица, каде што ќе има и некаква селекција на отпадот. За само десет дена штипската депонија двапати се запали, а пожарникарите реагираа со цел да се спречи ширење на огнените јазици кон објекти и селата кои се во непосредна близина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK