Во просториите на Домот на култура во Марино, денеска беше отворена младинска канцеларија, која има за цел подобрување на квалитетот на живот на младите.
На отворањето на младинската канцеларија, покрај младите од општина Илинден, присуствуваше и градоначалникот Александар Георгиевски, пришто на младите им посака успешна работа и реализација на предвидените проекти во спроведувањето на локалните младински политики, соопшто општина Илинден.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека отворањето на оваа младинска канцеларија е во насока на поддршка на волонтерството, заштита на животната средина, проактивна вклученост на младите во културните случувања и процеси и изнаоѓање на форми за што поголема вклученост на младите во спортот, олеснување на преминот на младите од образование кон пазар на труд и мотивирање за нивно стручно надоградување.
Младинската канцеларија е на располагање на граѓанските организации и младите, за да креираат програми и активности во насока на вклучување и информирање на младите луѓе.
Учеството на младите во креирањето на младинските политики во општината е важно тело во застапувањето на младите и нивните интереси преку зајакнување на нивниот развој во идни успешни граѓани и професионалци, се додава во соопштението на општина Илинден.