Општина Пустец на петгодишнината од смртта му оддаде почит на Спасе Мазенковски, големиот македонски патриот, писател, новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија.
На настанот одржан во салата на Советот на општината присуствуваа неговио син Владимир и ќерката Елеонора, негови сограѓани, колеги, претставници на локалната власт, на македонската партија МАЕИ, како и почитувачи на неговото дело.
На синот Владимир Мазенковски, градоначалникот Пали Колефски му го врачи признанието почесен граѓанин, донесена постхумно од страна на Советот на општината, нагласувајќи дека тоа е најмалку што може да сторат за огромниот придонес на неговиот татко.
-Поради неговото несебично залагање за унапредување на правата на Македонците во Албанија и за огромниот придонес како новинар, писател, публицист и афирматор на македонската култура и историја во Албанија, Советот на Општина Пустец уште во јули 2018 година донесе одлука со која Спасе Мазенковски посхумно е прогласен за почесен граѓанин на општина Пустец. Денеска ја организиравме ова свеченост за доделување на почесната титула на членовите на неговата фамилија и да се потсетиме на неговото дело. Спасе Мазенковски направи многу за правата на македонската заедница во Албанија. Општина Пустец секогаш ќе го спомнува неговото дело. Заедно со Васил Стерјовски разгледуваме повеќе идеи како да го сочуваме споменот за него во Општина Пустец, рече Колефски.
Претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ Васил Стерјовски, рече дека целиот свој живот Спасе Мазенковски го посветил на афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија.
-Тоа што е Гоце Делчев за македонскиот народ, тоа е Спасе Мазенковски за Македонците во Албанија. Нема поголема културна или политичка манифестација или активност на Македонците во Албанија, од 1991 година, до неговата смрт, Спасе да не бил вклучен во организирањето на истата. Семето на македонштината што Спасе го посади во Преспа даде плод. Спасе не напушти прерано и во времето кога можеше да даде уште повеќе за творештвото на Македонците во Албанија. Ни останува нам да го чествуваме и вреднуваме негото дело и да ги учиме младите поколенија како се сака и работи за својот народ, нагласи Стерјовски.
Додаде дека Преспа дала две големи имиња со кои се гордеат, писателот Стерјо Спасе и Спасе Мазенковски кои работеле и твореле во различни услови и системи.
-Општина Пустец изгради прекрасен Спомен музеј за Стерјо Спасе во неговото родно село Глобочени. Време е да му се одолжиме и на Спасе Мазенковски за се што направи за Македонците во Албанија. Му благодарам на градоначалникот Колефски за денешната свеченост и посветеноста за вреднување на личностите кои оставиле белег во историјата на Македонците во Преспа и Албанија и верувам дека заедно со општина Пустец достојно ќе му се одолжиме на Спасе Мазенковски, порача Стерјовски.
Трајан Ванѓеловски, директор на гиманзијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колефски“ рече дека Мазенковски оставил неизбришли траги кај Македонците во Албанија. И дека освен како поборник за правата на Македонците во Албанија дал голем придонес и како писател и публицист а неговото творештво и песни на македонски јазик се изучуваат од учениците во училиштата во општина Пустец.
Неговиот најблизок соработник Ефтим Митревски, главен уредник на весникот „Преспа“ се потсети дека со Спасе Мазенковски уште во 1980 година се договориле да работат за македонските работи.
-Тогаш Спасе ми даде една книга за историјата на Македонија. Оваа книга на Спасе му ја имаше дадено Илинден Спасе, која неговиот татко Стерјо Спасе ја имаше донесено од неговата посета на Македонија во 1974 година. После паѓањето на комунистичкиот режим, во 1991 година, заедно со Спасе ја основавме организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, друштвото „Преспа“. Спасе беше иницијатор за основање на весник на македонски јазик и го основа првиот весник на македонски јазик во Албанија „Преспа“ чиј главен уредник беше долги години. Последните денови од неговиот живот се гледавме речиси секој ден. Седевме во неговиот двор на масата со сонцето од Кутлеш и разговаравме за македонските работи. Многу тешко ги примаше случувањата во Македонија и бараше да одиме во Македонија да разговараме со македонските политички парти за македонско единство. Денот кога почина на масата ја најдов книгата за историјата на Македонија и внатре во книгата најдов лист хартија, кој го чувам, на кој имаше напишано „Стани Гоце спаси ја Македонија“, се потсети пред присутните Митревски.
Таќо Гроздани, генерален секретар на МАЕИ изјави дека Македонците во Албанија не го забораваат огромниот придонес на Спасе Мазенковски во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија.
Уште во 2000 година, додаде тој, со Спасе се согласивме дека правата на Македонците во Албанија најдобро се бранат преку наш македонски политички субјект во Албанија и почнавме да работиме заедно со нашите другари за формирање на македонска партија.
За професорот Лази Стојани од Пустец Спасе Мазенковски беше ерудит и е еден од неколкуте истакнати личности од Преспа кој дале голем придонес за афирмација на Македонците.
Владимир, синот на Спасе се заблагодари за поменот во спомен на неговиот татко и изјави дека тој бил прекрасен родител. Освен секојдневните работи, неколку часа во ноќта минувал во читање и пишување.
-Тој ве сакаше и ве почитуваше сите од постарите до помладите активисти. Во ракопис остави уште четири книги кој ги подготви а не стигна да ги испечати. Печатењето на овие книги е значајно за Македонците во Албанија, оцени Владимир.
Делегација на МАЕИ положи цвеќе на неговот вечно почивалиште во селото Леска, и го посети домот на Спасе Мазенковски.
Целиот свој живот го мина и твореше во селото Леска, каде беше роден и каде се наоѓа неговото вечно почивалиште.
На македонски јазик има објавено повеќе поетски збирки, книги, раскази и репортажи „Преспа моја“, „Разбојна китка“, „Торбулето на татко ми“, „Преспанска убавица“, „Лабид и Преспана“, „Рѓосани бисери“, „Историја на македонскиот народ во Албанија“, која е преведена на албански јазик.
Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Друштвото на писатели „Новиот свет“ во Албанија.