Гевгелија и оваа година беше центар на детската музичка креативност и енергија со успешно завршеното 24. издание на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“, кој со децении претставува една од најпрепознатливите културни традиции на градот.
Овогодишното издание започна на 1 јуни 2026 година со богата неделна програма посветена на најмладите, која во текот на целата седмица ја исполни Гевгелија со нови детски композиции и активности, претворајќи го градот во сцена што постојано живее со музика.
Главните вечери се одржаа од 5 до 7 јуни во преполната сала на Народниот театар, каде публиката уживаше во впечатливо аудио-визуелно доживување. Премиерните изведби, хорските настапи, танцот и приказните на малите уметници беа наградени со силен аплауз што ечеше по секој отпеан стих на големото финале од 24. издание на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“.
Во рамки на финалните вечери, свеченото отворање го означи градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој во своето обраќање истакна:
– Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“ претставува еден од најпрепознатливите симболи на детската музика во Гевгелија. Родена во Гевгелија во 1992 година, „Калинка“ остави силен белег кај сите нас. Спомените на генерации деца кои пораснаа со Фестивалот, неговата богата традиција и значајната улога што ја има во културниот живот на Гевгелија беа мотив во 2023 година фестивалот повторно да биде возобновен и денес успешно да се развива и да ја продолжува својата приказна.
Негувањето на културата, традицијата и детското творештво е вложување во иднината и новите генерации. Токму затоа, поддршката од локалната самоуправа е континуирана и насочена кон сите поединци, здруженија и ентузијасти кои со својата посветеност придонесуваат за развојот на нашата заедница.
Благодарност до организаторите, учесниците, родителите и сите кои придонесоа и овогодинешното издание на „Калинка“ да биде успешно и исполнето со убави моменти. Да продолжиме да создаваме нови спомени и да ја чуваме традицијата која три децении е дел од идентитетот на Гевгелија.
Музичкиот фонд на Фестивалот годинава се збогати со 20 нови детски композиции. Овие премиерни рефрени беа донесени на сцената преку гласовите на 25 млади изведувачи- „малите калинки“, кои покажаа одлична вокална и сценска подготвеност. Секоја песна донесе свеж музички бран, а крајниот резултат покажа дека зад овие три минути на сцена стои огромен труд, визија и посветеност на организаторите и уметничките соработници. Покрај новите композиции, фестивалската сцена оваа година беше збогатена и со настапот на специјалната гостинка, македонската пејачка Лара Иванова. „Калинка 2026 година“ донесе и момент на носталгија преку изведбата на „Фамилија музичари“, безвременски фестивалски хит што повторно ги обедини различните генерации љубители на „Калинка“ и предизвика силни реакции од публиката.
Како увертира за трите финални концерти, градот пулсираше во празничен ритам. Главните фестивалски вечери беа најавени со традиционалното шарено дефиле низ Градскиот плоштад, кое ја пренесе позитивната енергија директно до публиката и го означи почетокот на сценскиот дел од програмата.
По паузата и успешното рестартирање минатите години, годинешното издание покажа дека „Калинка“ не е само Фестивал со традиција од 1992 година, туку бренд што се развива во чекор со модерните сценски трендови. Дека станува збор за сериозен проект потврдува и фактот што Македонската телевизија (МТВ) комплетно ја сними втората фестивалска вечер, која се одржа на 6 јуни.
Завесата на 24. издание се спушти, но новите рефрени остануваат да го збогатуваат детскиот музички етер.