Нов протест на жителите на Горна Река против сечата на шума во НП „Маврово“

PROTEST-GORNA REKA
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со едночасовна блокада на регионалниот патен правец Гостивар-Маврово-Дебар, кај месноста Бунец, и истакнување на нови барања, жители на селата во регионот на Горна Река денеска одново протестираа против сечата на шума и управувањето со природата на територија на Националниот парк „Маврово“.







Протестот пот мотото „Не сечи, не убивај“ го организира здружението за рурален развој „Преродба на Горна Река“, чии членови се револтирани од, како што рекоа, деструктивните политики и еколошката катастрофа која се случува на планината Мелник. Тие минатата недела упатија апел до управата на НП „Маврово“, која, според нив,по состанокот не ги исполнила нивните барања и затоа ќе продолжат со протестите.

– Сечењето на дрвјата се врши во приватни имоти, со што се повредуваат имотните права на сопствениците на земјиштето, како и со флагрантно кршење на законот за прогласување на Националниот парк „Маврово“ за заштитено подрачје во категоријата национален парк, рече Егзон Усеини од здружението „Преродба на Горна Река“.

Тие реагираат и затоа што надлежните институции не постапуваат по последните штети од невремето и како што рекоа, не ги земаат предвид барањата на народот за решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Тие обвинуваат дека природата се деградира и се врши масовна експлоатација на дрвјата за комерцијални цели на сметка на приватни имоти.

– Бараме да се престане со масовното сечење дрвја и отворање на планински патишта, како и да се преземат активности за капитални инвестиции. Секое игнорирање на нашите барања уште повеќе нè мотивира и охрабрува да продолжиме до нивно остварување, рече Усени.

Од управата на НП „Маврово“, во соопштение поврзано со протестот наведуваат дека сите активности што се преземаат на подрачјето на Паркот се во согласност со Законот за заштита на природата и Законот за шуми и планските документи од областа изработени од компетентни институции и одобрени од надлежното Министерство и државните инспекторати.

– Управата на Паркот повторно се обраќа до жителите на Горна Река со цел решавање на проблемите кои што реално се констатирани на терен настанати од невремето, кое што се случи на ова подрачје и предизвика сериозни оштетувања на патиштата и мостовите. Затоа повторно ги повикуваме на средба и заеднички да изнајдеме решение за настаната состојба. Ние сме отворена институција и подготвени за конструктивен дијалог и решавање на реалните проблеми, се наведува во соопштението потпишано од директорот на НП „Маврово“, Самир Ајдини.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK