Не постои национален театар, без национална драма ова е еден од заклучоците на денешниот симпозиум на тема „Националната драма и националниот театар“ во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип. На симпозиумот учесници беа Мишел Павловски, Тодор Кузманов, Катерина Петровска Кузманова, Кристина Николовска и Христо Петрески.
Уметничкиот директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Трајче Кацаров вели дека ова е втор ваков симпозиум кој се организира од оваа национална установа.
-Имаме национална драма, но таа истата се става зад сцената, не се исценира, што значи дека ние сме во една ситуација, во којашто ни недостасува национален Театар. Замислите сега кога зборуваме за идентитетот, некои од елементите кои треба да го штитат дали ние не треба и театарот да го ставиме како елемент, којшто говори и работи за идентитетот, вели Кацаров.
Прашан зошто на сцена не се поставуваат македонските текстови, Кацаров вината ја наоѓа во македонските режисери.
-Има доволно драматурзи, но има режсери „енглези“. Секој којшто ќе заврши на Факултетот за драмска уметност или на некој начин ќе се стекне со статус режисер, тој станува „енглез“, тој станува странец. Јас не знам некој подобро да се справи со импортни конфликти, отколку со конфликтите на домашните автори. Но, ова е една ситуација, којашто од година се повторува, вели Кацаров.
Смета дека овој проблем може да се надмине преку Програмата на Министерството за култура, која дава поддршка на културните институции и театрите во земјава.
Проф. д-р Мишел Павловски од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје вели дека има национални драми, но драмата оживува на сцена.
-Нашите театри се трудат да посветат внимание и на странските и на домашните автори. Мислам дека секогаш може повеќе, вели Павловски.
На денешниот симпозиум беше промовирана книгата „Аспекти на камерниот театар“ од Тодор Кузманов и Гоце Ристовски, а промотор на книгата беше Јоана Шишкова.