– Набрзо ќе почне комплетна реконструкцијата на пумпната станица од системот за наводнување „Дебарско поле”, која се наоѓа во месноста „Удово” на брегот на Дебарско Езеро информираа од Подрачната единица на МЗШВ.
Додаваат дека за таа цел согласно Програмата за водостопанство, деновиве е потпишан договорот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што деновиве објави министерот Љупчо Николовски со овој зафат ќе биде направена целосна модернизација на машинскиот и електричниот дел и ќе се инсталира SCADA систем.
Вредноста на проектот е 123.132.646 денари.
-Ова е прва фаза од целосно комплетирање на системот за наводнување. МЗШВ има целосна техничката документација каде е предвидена комплетна реконструкција на пумпната станица, реконструкција на главниот канал и реконструкција и доградба на деталната мрежа за наводнување, со што би се наводнувале вкупно 2000 хектари, односно би се зголемиле земјоделските површини за наводнување, наведува министерот во објава на Фејсбук.
Според него работите на пумпната станица треба да завршат за 12 месеци, при што овој капитален објект ќе биде целосно обновен и ставен во функција, а со тоа ќе се обезбеди непречено снабдување со вода за дебарските земјоделци.
Системот за наводнување „Дебарско поле” беше изграден 1972 година веднаш по изградбата на акумулацијата “Дебарско Езеро”. Не функционира од 2006 година поради континуирано крадење на пумпите, трансформаторите, цевките за вода и други елементи од системот.