Кумановските училишта се вклучуваат во општествно одговорната кампања на „Макпетрол“

makpetrol_kumanovo01
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Повеќе од 15 основни училишта кои што се во надлежност на Општина Куманово ќе бидат дел од „Крени глас против врсничкото насилство“, општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Учениците што посетуваат настава во овие образовни установи ќе се здобијат со знаења за булингот преку работилници организирани од компанијата, а предводени од психотерапевт со практично искуство на темата. За таа цел денес беше потпишан меморандум за соработка.

– Ако се знае дека развојот на децата и на младите е тесно поврзан со развојот, како и со иднината на секоја земја, тогаш секој сегмент од општеството треба да се посвети на давање придонес во решавањето на проблемите кои што можат да го спречат или да го уназадат истиот тој развој. Врсничкото насилство, несомнено, е токму таков проблем. Булингот е појава што суштински влијае врз децата и врз младите, односно може значително да ги намали капацитетите за нивен напредок во животот, како и за исполнување на потенцијалот. Преку овие работилници проблемот се обработува од различни аспекти и се пренесуваат знаења кои што можат да послужат како основа која што би можела на одреден начин да помогне при случаи на врсничко насилство – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.


Во рамки на активностите на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ компанијата „Макпетрол“ испечати материјал што ќе биде доставен до основните училишта во Куманово, а преку кој што не само учениците, туку и стручните служби, како и родителите, имаат можност да се здобијат со знаења за проблемот со булингот.  – Особено ми е драго што Општина Куманово преку општинските основни училишта ќе биде дел од кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“, на општествено – одговорната компанија „Макпетрол“. За учениците, наставниците и родителите и воопшто за сите активни учесници во нашето општество, ова претставува значаен чекор во запознавање и актуелизирање на оваа проблематика и понатамошно делување и справување со проблемот. Упатувам голема благодарност до општествено одговорната компанија „Макпетрол“ за оваа едукативна кампања со која дополнително ќе го зголемиме јавниот интерес за проблемот со булингот, ќе бидеме сите активно вклучени и ќе работиме на едукација и превенција – истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Работилници предводени од психотерапевт, како и едукативни материјали, изминатиов период се одржаа во основните училишта на териториите на општините Центар и Аеродром во Скопје, во тек е нивното спроведување во Кисела Вода, а исти ќе се реализираат и во Гевгелија, Демир Капија, Гази Баба, Карпош и Ѓорче Петров.    Едукативната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“ е составена од повеќе елементи, додека нејзин носечки и најзначаен дел е интернет-страницата kreniglas.mk. Целта на овој веб-сајт е да пренесе знаење до сите што можат да помогнат во решавањето на проблемот со врсничкото насилство – децата, родителите и наставниците. Исто толку значајно е што на веб-сајтот постои опција секој што бил жртва или имал искуство со булингот, анонимно да ја сподели својата приказна.  Со оваа општествено одговорна кампања „Макпетрол“ сака да го зголеми јавниот интерес за проблемот со булингот. Општините или образовните институции, кои што сакаат да дадат свој придонес, можат отворено да контактираат со „Макпетрол“ и заеднички да работат на изнаоѓање решенија за врсничкото насилство како проблем што има суштинско влијание врз развојот на децата и на младите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK